Германија во средата го критикуваше „раскинувањето на договорот“ откако рускиот претседател Владимир Путин рече дека Москва повеќе нема да прифаќа плаќања во долари и евра за испорака на гас до Европската унија.
Таквото барање „значи раскинување на договорот“, изјави министерот за економија Роберт Хабек на прес-конференција во Берлин. „Сега ќе разговараме со нашите европски партнери како ќе одговориме на ова барање“, додаде тој.
Владимир Путин во средата рече дека Русија повеќе нема да прифаќа плаќања во долари и евра за испорака на гас за ЕУ, давајќи им на руските власти една недела да изготват нов систем во рубли.
Германија е екстремно зависна од рускиот гас, кој сочинува 55 отсто од нејзиниот увоз на гас. И покрај руската инвазија на Украина, рускиот гас продолжува да пристигнува во ЕУ, која одбива да воведе ембарго, како што направија САД и Велика Британија.
Берлин, сепак, сака брзо да ја намали својата зависност барајќи други добавувачи. За таа цел, германската влада ќе ја забрза изградбата на терминал за ЛНГ за увоз на течен гас. Таа неодамна потпиша договор за „долгорочна набавка“ со Катар, главен извозник на ЛНГ.