Волстрит расте четврти ден по ред

од Milan1
214 прегледи

Индексот Dow Jones и S&P 500 пораснаа четврти ден по ред на Волстрит во вторникот, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од вестите за напредок во мировните преговори меѓу Русија и Украина, како и падот на цената на нафтата.

Dow Jones зајакна за 338 поени или 0,97 отсто, на 35.294 поени, додека S&P 500 порасна за 1,23 отсто на 4.631 поени, а индексот Nasdaq 1,84 отсто, на 14.619 поени.

Инвеститорите беа охрабрени од веста дека на мировните преговори во вторникот, Русија вети дека драстично ќе ги намали воените операции околу Киев и северниот град Чернихив, а Украина предложи неутрален статус со меѓународни гаранции дека ќе биде заштитена од напади.

Украинските преговарачи рекоа дека предложиле статус со кој нивната земја нема да се приклучува на сојузи или да има бази за странски војници, но нејзината безбедност ќе биде гарантирана под услови слични на членот 5, кој се однесува на колективната одбрана на НАТО.

На пазарот позитивно влијаеше и падот на цената на нафтата втор ден по ред.

Трговците со „црното злато“ беа загрижени за „затворањето“ на Шангај со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, што може да доведе до намалување на побарувачката за нафта во Кина, најголемиот светски увозник на нафта.

Падот на цените на барелот ги намали стравувањата од пораст на инфлацијата, која е на највисоко ниво во последните 40 години во САД, близу 8 отсто.

За да ја ограничи инфлацијата, Федералните резерви на САД неодамна ги зголемија клучните каматни стапки за прв пат од 2018 година, за 0,25 процентни поени, а може да ги зголеми за дополнителни 0,50 процентни поени веќе во мај.

Иако, според тоа, се очекува агресивно зголемување на каматните стапки на ФЕД, што би можело да го забави економскиот раст, цените на акциите растат во последните денови бидејќи инвеститорите се надеваат дека економијата е доволно силна за да издржи натамошни зголемувања на каматните стапки.

Благодарение на ова, индексот S&P 500 ги ублажи загубите од почетокот на годината. До неодамна беше во делот на корекција, односно 10 отсто под рекордното ниво, а моментално е во минус од почетокот на годината, помалку од 3 отсто.

И на европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонскиот FTSE индекс зајакна 0,86 отсто, на 7.537 поени, додека франкфуртски DAX скокна за 2,80 отсто, на 14.820 поени, а париски CAC 3,08 отсто – на 6.792 поени.

Слични содржини