Руски хакери ги скенираат системите на енергетските компании и друга клучна инфраструктура во САД, а хакерските напади спонзорирани од Русија претставуваат „тековна закана“ за националната безбедност на земјата, изјави портпаролот на ФБИ пред американските власти, цитиран од Ројтерс.
„Заканата од Русија во криминална смисла, во смисла на националната држава, е многу, многу реална и релевантна“, рече Брајан Ворндран, помошник директор во сајбер-одделот на ФБИ, за време на сослушувањето пред комисијата во Домот на претставниците.
Во неделите по неиспровоцираниот напад на Украина, Белата куќа и Министерството за правда ги предупредија американските компании за сигнали за разузнавање, што укажува на тоа дека Русија презема рани чекори за да започне сајбер-напади.
Ворндран пред комисијата изјави дека во последно време е зголемен бројот на случаи на скенирање на мрежите на американскиот енергетски сектор од страна на Русија. Според него, таквата активност е „разузнавачка фаза“ од страна на Москва, за да се обиде да разбере каква е заштитата на одредена компанија и дали има ранливости, што може да се искористат.
„Ова е исклучително важен дел од севкупниот напад“, рече тој, додавајќи дека Русија е „еден од двата најспособни сајбер-противници со кои се соочуваме ширум светот“ и „голем непријател“.
Минатата година, долго пред Русија да ја нападне Украина, американскиот претседател Џо Бајден отворено го предупреди рускиот претседател Владимир Путин дека одредена клучна инфраструктура мора да биде надвор од дофатот на сајбер нападите.
Ова предупредување се однесува на 16 различни типови на инфраструктура – очигледна референца за 16-те сектори идентификувани како суштински од американското Министерство за домашна безбедност, вклучувајќи ги телекомуникациите, здравството, прехранбениот сектор и енергијата.