„Како луѓе исправени пред Бога, сите сме исти и еднакви, без разлика на националност, вера, боја на кожа и слично. Како луѓе исправени пред државата и нејзините национални интереси и уставот и законите, воопшто не е важно колку сме Македонци или Албанци, православни или муслимани. Ние сме демократска држава и симбол на интегрирање на различностите и токму тоа е нашата најголема сила“, вели во изјава Кирил Лазаров, Сопственик на НИКОБ Групацијата и претседател на Македонско- Бугарската стопанска комора, како реакција на резултатите од Пописот.
Според него, најважно е колку сме, колкаво работоспособно население имаме, која е структурата во образованието, вработеноста, односно невработеноста, а со тоа и економската моќ на државата.
Јавно апелира за мобилизирање на сите економски, стопански и бизнис чинители во државата за подготовка на конечна, суштинска и сеопфатна економска стратегија и образовна платформа прилагодена врз овие структурни статистики, со цел „да ја спречиме белата чума и да се задржи во државата она што останало“.
„Погубно е за државата и економијата губиток на скоро 200 000 луѓе. 100 000 стари жители повеќе и околу 200 000 млади луѓе помалку е вистинската главоболка и огромен предизвик по националната безбедност и економската одржливост на државата. Ни треба развој и нов почеток“, истакнува Лазаров.