Американскиот претседател Џозеф Бајден нареди пуштање на пазарот на еден милион барели нафта дневно од стратешките резерви на државата за шест месеци, во обид да се намалат цените на горивото кои скокнаа по воведувањето на санкциите кон САД и нивните сојузници кон Русија.
„Заклучокот е дека ако сакаме пониски цени на горивото, треба да имаме повеќе нафта во моментов. Ова е момент на последици и опасност за светот“, рече Бајден.
Бајден, исто така, бара од Конгресот да воведе финансиски казни за нафтените и гасните компании кои изнајмиле државно земјиште за производство на нафта, но не го прават тоа.
Тој се повика на Законот за производство за одбрана за да се поттикне ископот на руда за производство на акумулатори за електрични возила, што е дел од движењето за транзиција кон почисти извори на енергија, пренесува Бета.
Тие одлуки покажуваат дека нафтата сè уште е слабост на САД и дека повисоките цени на енергијата го загрозија политичкиот рејтинг на Бајден.
Пуштањето на државните залихи на пазарот би можело да ја намали цената на нафтата, иако Бајден веќе двапати го наредил, но нема значителни промени на пазарот.
Сепак, тој денеска изјави дека очекува оти цените на бензините би можеле „ значително да паднат“.
Планираното ослободување на државните резерви на пазарот е начин за надополнување на залихите со премостување додека нафтените компании не го зголемат производството, а претставниците на администрацијата проценуваат дека домашното производство ќе расте за милион барели дневно оваа година и уште 700.000 барели дневно во 2023 година.
Пазарите брзо реагираа на најавата на Бајден, при што цените на суровата нафта паднаа за околу четири отсто на помалку од 104 долари за барел, но понудата сè уште не успева да ја следи побарувачката.
Американците трошат просечно околу 21 милион барели нафта дневно, од кои околу 40 отсто е за производство на бензин, според американската Администрација за енергетски информации. Тоа сочинува околу една петтина од вкупната потрошувачка на нафта во светот.
Домашното производство на нафта е еднакво на повеќе од половина од потрошувачката во САД, но високите цени не ги наведоа компаниите да се вратат на нивоата пред пандемијата. САД произведуваат во просек 11,7 милиони барели дневно, додека на почетокот на 2020 година произведувале 13 милиони барели.