Утринава заменик украинскиот министер за здравство Олексиј Јаременко зборуваше за Скај за тешката хуманитарна ситуација во Украина.
Тој рече дека руските сили продолжуваат да таргетираат станбени области, болници и згради низ Украина.
„Во некои региони хуманитарните коридори не функционираат. Не можеме да носиме лекови, вода и храна во градовите, особено во Мариупол и Чернихив“, рече Јаременко.
„Ситуацијата е многу тешка. Навистина треба да отвориме хуманитарен коридор за да им донесеме лекови на луѓето во болниците“, посочи тој.
Јаременко рече и дека Украина досега добила повеќе од 2.600 тони лекови и медицинска опрема. Сепак, тој истакна дека им треба повеќе.