Песков се заканува: Никој да не помисли да ја нападне Русија

од Nikola Popovski
284 прегледи

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија ќе ги зајакне своите западни граници за никој да не помисли да ја нападне. Изјавата на Песков следи по денешниот напад на складиште за нафта во Белгород, руски град на границата со Украина, за што Москва го обвинува Киев.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го информирал рускиот претседател Владимир Путин дека земјите од НАТО го зајакнуваат својот воен потенцијал кон западните граници на Русија, изјави Песков, пренесува РИА Новости.

„Путин му даде инструкции на Шојгу, а нашето Министерство за одбрана сега работи на развој на план за зголемување и зајакнување на нашиот воен потенцијал на западните граници како одговор“, посочи Песков.

„Секако, тоа ќе се направи на начин да се заштитиме и да го одржиме потребниот суверенитет, за никој да не помисли да не нападне“, рече Песков во интервју за ТВ каналот Белорусија 1, чиј извадок беше емитуван денеска.

Ова е прво обвинување за украински воздушен напад на руска територија од почетокот на инвазијата.

Сепак, доцна вечерта највисокиот украински безбедносен функционер ги отфрли обвинувањата на Русија. Во изјава за националната телевизија, секретарот на Советот за безбедност Алексиј Данилов рече: „Поради некоја причина велат дека сме го направиле тоа, но според нашите информации тоа не одговара на реалноста“.