По масакрот во Буча, Макрон е за нови санкции против Русија

од Vladimir Zorba
197 прегледи

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави денеска дека се потребни дополнителни санкции против Русија, откако Украина ги обвини руските сили за убивање цивили во украинскиот град Буча.

Макрон изјави за радиото „Франс Интер“ дека има „многу јасни индиции“ кои укажуваат дека „руските сили се одговорни за воени злосторства во Украина“, објави Ројтерс.

„Она што се случи во Буча бара нова рунда санкции и многу јасни мерки“, нагласи Макрон, додавајќи дека новите санкции треба да се фокусираат на јагленот и нафтата.

Украина во неделата ги обвини руските сили дека извршиле масакр во градот Буча, додека западните земји реагираа на сликите на мртвите повикувајќи на нови санкции против Москва.

„Извештаите за украински цивили кои се убиени, силувани и сериозно ранети од руски војници се за секоја осуда. Русија мора да одговора пред светот за она што го направи“, им рече на новинарите на 4-ти април премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн.

Таа нагласи дека владата на нејзината земја ќе разговара за дополнителни мерки за поддршка на Украина во борбата против руската инвазија.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида ги опиша сцените од Украина како „кршење на меѓународното право“.

„Шокиран сум од фактот што се извршени ужасни злосторства врз цивили на периферијата на Киев. Убиството на невини цивили го прекршува меѓународното хуманитарно право“, рече тој, додавајќи дека „Русија мора да одговара за овие дела“.

Изјавите дојдоа во време на извештаи за стотици убиени цивили чии тела биле фрлени во масовни гробници или оставени на улиците на градот Буча, откако руските сили се повлекле од областа, јавува РСЕ.

Фотографиите на кои се прикажани тела на мртви цивили врзани со лисици шокираа многумина и поттикнаа повици за построги санкции кон Русија и гонење на сторителите.

Руското Министерство за одбрана ги отфрли украинските обвинувања, нагласувајќи дека снимките и фотографиите на кои се гледа убиени во Буча се „уште една провокација“ на украинската влада, која „подготвила настап за западните медиуми“.

Сликите од градот, кој се наоѓа на 37 километри северозападно од Киев, се појавија откако Украина во саботата објави дека нејзините сили ја вратиле контролата врз целиот регион Киев и ги ослободиле градовите од руските трупи.

Главниот обвинител на Украина, Ирина Венедиктова, рече дека обвинителите кои ги истражуваат можните воени злосторства на Русија, пронашле 410 тела во градовите во близина на Киев.