Руските сили во Украина користат ново, застрашувачко оружје, тврди „Њујорк Тајмс“ во текст потпишан од Џон Исмеј, експерт за експлозиви.
Станува збор за POM-3, напредна верзија на нагазна мина опремена со сензори кои можат да детектираат кога луѓето одат во близина.
Украинците го открија уредот минатата недела во близина на Харков, а сето тоа го потврди „Хјуман рајтс воч“ по прегледувањето на фотографиите обезбедени од украинската војска.
Постарите верзии на нагазни мини експлодираат кога жртвата случајно ќе ги згази, но сензорите POM-3 можат да ги читаат претстојните чекори и можат ефективно да прават разлика помеѓу луѓе и животни.
Деминерите и здруженијата кои водат кампања против употребата на нагазни мини рекоа дека PОМ-3 ќе ги направи идните напори за лоцирање и уништување на неексплодираните убојни средства во Украина многу покомплицирани и смртоносни.
„Овие мини се закана на која немаме одговор“, вели Џејмс Кауан, шеф на „HALO Trust“, британско-американско здружение кое расчистува нагазни мини и други експлозиви останати од воените конфликти. Здружението чисти неексплодирани убојни средства во регионот на Донбас од 2016 година по судирите меѓу проруските сепаратисти и украинската влада.
„Ќе мораме да најдеме донатори за да набавиме роботика што ќе ни овозможи да се справиме со овие закани на одредена далечина“, додаде Кауан.
РОМ-3 најчесто се лансира со ракета, а потоа со помош на падобран паѓа на земја и се „забива“ во земја, каде потоа ја чека жртвата. Кога мина ќе почувствува некоја личност, таа лансира мала експлозивна боева глава која потоа се активира во воздухот, создавајќи фрагменти кои се смртоносни на растојание од околу 15 метри.
Кауан, пензиониран британски генерал-мајор, вели дека неговиот тим од 430 Украинци во моментов не е во состојба да ја заврши својата работа по руската инвазија на крајот на февруари. Тој проценува дека ќе му требаат околу 2.500 луѓе за да ја заврши работата во иднина, имајќи предвид дека многу области околу Донбас се полни со неексплодирана муниција.
Претставници на американската влада изјавија дека Русија ги преместува војниците за да ги зајакне своите позиции во Доњецк и Луганск, што може да значи дека во војната ќе се користи уште повеќе оружје како PОМ-3.