Градоначалникот на украинскиот пристанишен град Мариупол изјави дека повеќе од 10.000 цивили загинале во руската опсада на градот и дека бројот на жртвите може да надмине 20.000.
Во телефонски разговор со АП, градоначалникот Вадим Бојченко во понеделникот рече дека руските сили со недели го блокирале влезот на хуманитарни конвои во градот во обид да ги прикријат ужасите на надворешниот свет.
Мариупол беше отсечен во руските напади кратко време по почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари и претрпе некои од најтешките напади во војната.
Градоначалникот зборуваше од место на територијата контролирана од Украина, но надвор од Мариупол.
Откривањето на голем број цивили кои се чини дека се егзекутирани по повлекувањето на руските сили од градовите околу главниот град Киев овој месец, предизвика општа осуда и обвинувања од страна на Украинците и Западот дека Русија врши воени злосторства во Украина.
Одделно, американските власти вчера истакнаа дека има нови знаци дека руската армија се подготвува за голема офанзива во источниот регион на Донбас, пренасочувајќи се по неуспешниот првичен пробив околу Киев и напорите за негово заземање.
Висок американски функционер вчера го опиша долгиот руски конвој кој се упати кон источниот град Изум со артилериска, авијација и пешадиска поддршка, како дел од прераспределбата и она што изгледа како подготовка за руска кампања на исток.