Русија го предупреди Западот да престане да ја вооружува Украина. Во спротивно, би имало „непредвидливи последици“. Предупредувањето доаѓа откако предводникот на руската Црноморска флота беше потопен. Поради заканата од Москва, претседателот на Украина рече дека светот мора да биде подготвен за руската употреба на нуклеарно оружје против соседната земја.
Руското предупредување дојде во форма на дипломатска нота. Вакви писмени соопштенија се испратени до САД, Велика Британија и други земји кои обезбедуваат оружје за Украина. Во говорот во четвртокот, директорот на ЦИА рече дека Русите би можеле да прибегнат кон тактичко нуклеарно оружје. Украинскиот претседател исто така не ја исклучи таквата можност.
„Не сум само јас загрижен. Целиот свет мора да биде загрижен за ова. Информацијата можеби не е точна, но можеби е вистина. Тие би можеле да го направат тоа. За нив животот на луѓето не значи ништо. Така да, можно е. Не велам да се плашиме, но мора да бидеме подготвени“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
И утринава имаше напади со крстосувачки ракети во Киев и далеку на запад – во градот Л`вов. Ова е втор ден од ваквото гранатирање, по двонеделното затишје во главниот град. Русија ги обнови ракетните напади по потонувањето на големиот крстосувач „Москва“ во Црното Море. Имаше удари во градот Николаев на југ, па дури и далеку на запад – во близина на Л`вов.