Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери се сретна со претседателот на Латвија, г. Егилс Левиц, кој престојува во официјална посета на нашата држава.
На средбата присуствуваше и Моника Зајкова во функција на претседателка на Пратеничката група на Собранието за соработка со парламентите на Балтичките земји: Република Естонија, Република Латвија и Република Литванија. Посакувајќи му на гостинот добредојде од името на пратениците, претседателот Џафери изрази благодарност за поддршката од Република Латвија за евроинтеграцијата на Северна Македонија, како и за стоењето на ставот дека политиката на проширувањето претставува една од најуспешните политики на Унијата.
Тој, понатаму нагласи дека земјата ја исполни својата стратешка определба за членството во НАТО, каде веќе втора година е полноправна членка и придонесува како за регионалната така и за меѓународната стабилност, а во однос на европските интеграции, подвлече дека очекуваме напредок во интегративниот процес во насока на што е можно поскоро одржување на првата меѓувладина конференција која ќе означи почеток на преговорите со Унијата. Истакнувајќи дека билатералните прашања не треба да се пречка за преговорите, претседателот Џафери информираше дека контактите со Бугарија се интензивни што му дава надеж дека до крајот на француското претседателство со ЕУ, процесот на евроинтеграција на Република Северна Македонија ќе биде деблокиран.
Претседателот Левиц нагласи дека Република Латвија отсекогаш го поддржувала процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан според критериумите за членство и напредокот на секоја од земјите и во таа насока, истакна дека Република Северна Македонија направила сѐ од своја страна и дека сега е време Европската унија да ги преземе понатамошните чекори, бидејќи во спротивно, во прашање би се довела кредибилноста на Унијата.
Според него, проширувањето не е само во интерес на Северна Македонија, туку и на Унијата од аспект на геополитичката безбедност.Тој изрази уверување дека наскоро ќе биде најден начин за продолжување на процесот на проширување и потврди дека тој од своја страна ќе се заложи тоа да стане реалност што е можно поскоро.
Претседателот Левиц ја поздрави и одлуката за воено присуство во источниот дел на Алијансата на првиот контингент од Република Северна Македонија кој се подготвува да биде распореден во Латвија во јуни 2022 година.
Соговорниците разменија мислења и за состојбата во Украина, ја осудија агресијата на Руската Федерација и се согласија дека е потребно да се покаже солидарност со граѓаните на Украина и силно да се поддржи меѓународниот правен поредок со цел да се избегне глобална анархија.