Русите зазеле 42 села во регионот на Доњецк, Украинците решени да ги вратат

од Nikola Popovski
256 прегледи

Руските сили во четвртокот зазедоа 42 села во источниот регион Доњецк, но Украина би можела повторно да ги ослободи, изјави за новинарите помошник шефот на кабинетот на украинскиот претседател.

„Денес на списокот на окупирани се додадени 42 села. Тоа е на штета на регионот Доњецк“, изјавила Олена Симоненко. „Тоа се случи денеска и можно е нашите сили да ги ослободат утре“.

Друга висока украинска функционерка рече дека националната армија се соочува со „многу тешка битка“ против побројните и подобро вооружени руски сили, пренесе Интерфакс Украина.

Заменик-министерката за одбрана Хана Малјар изјавила за државната телевизија дека за купување и дистрибуција на оружје е потребно време, додавајќи дека „треба да се биде трпелив“.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во четвртокот дека на Украина и се потребни 7 милијарди долари месечно за да ги надомести економските загуби поради војната. Во виртуелното обраќање на форумот на Светска банка, Зеленски рече дека глобалната заедница мора веднаш да ја исклучи Русија од меѓународните финансиски институции и ги повика сите земји веднаш да ги прекинат врските со Москва.

Слични содржини