Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји од денеска до 28 април ќе ги посети Хрватска, Бугарија, С. Македонија и Албанија.
Како што стои во календарот на негови активности на веб – страницата на ЕК, еврокомесарот Вархеји за време на престојот во Загреб, Софија, Скопје и Тирана ќе одржи билатерални разговри, а во Софија ќе учествува на Самитот ЕУ-Балкан.
Вархеји утре ќе биде во Софија, каде во исто време ќе престојува и шефот на дипломатијата Бујар Османи. Засега нема детали за агендите на Вархеји и Османи во Софија.
Шефот на дипломатијата Османи денеска е во посета на Берлин каде што со официјални претставници на Германија разговара за европското досие на С. Македонија и потребата од итна деблокада на процесот на проширување како геостратешка инвестиција на Унијата во име на безбеден, стабилен и просперитетен регион во срцето на Европа.