Испораките на западно оружје во Украина значат дека НАТО е „всушност вклучен во војната со Русија“, а Москва го смета тоа оружје за легитимна цел, рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју емитувано во понеделникот.
„Ова оружје ќе биде легитимна цел на руската воена акција во контекст на специјална операција“, изјави Лавров за државната телевизија во интервју објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи.
„Магацините во западна Украина (руските сили) веќе ги гаѓаа неколку пати. Што друго?“ изјави Лавров. „НАТО, всушност, е вклучен во војната со Русија преку посредник и го вооружува тој посредник. Војната е војна“.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба рече дека ширењето страв од Русија е знак на слабост.
Русија ја загуби „последната надеж да го одвлече вниманието на светот од поддршката на Украина“, напиша Кулеба на Твитер по интервјуто на Лавров. „Тоа само значи дека Москва чувствува пораз“.
За време на посетата на Киев во неделата, американскиот државен секретар Антони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин ветија поголема воена помош за Украина.
Стејт департментот во понеделникот, повикувајќи се на вонредната состојба, одобри потенцијална продажба на муниција во вредност од 165 милиони долари на Украина.
Пентагон соопшти дека пакетот може да вклучува артилериска муниција за хаубици, тенкови и фрлачи на гранати.
Амбасадорот на Москва во Вашингтон им порача на САД да ги прекинат испораките, предупредувајќи дека западното оружје го поттикнува конфликтот.
Двомесечната руска инвазија на Украина, најголемиот напад врз европска држава од 1945 година, остави илјадници мртви или ранети, претворајќи ги градовите во урнатини и принудувајќи повеќе од 5 милиони луѓе да побегнат во странство.
Москва својата агресија ја нарекува „специјална операција“ за разоружување на Украина и „денацификација“.
Украина и Западот велат дека тоа е лажно оправдување за непредизвикана агресивна војна од страна на претседателот Владимир Путин.