Канада ќе го продаде санкционираниот руски имот и парите ќе ѝ ги даде на Украина

од Nikola Popovski
202 прегледи

Канада сака да стане првата земја од Г7 што ќе продаде рускиот имот и ќе го искористи за финансирање помош за Украина, а во средата објави нови санкции против 203 лица „соучесници“ во обидот на Русија да го припои Донбас.

„Бараме можност не само да го заплениме, туку и да одобриме конфискација на имотот на санкционираните физички и правни лица и на тој начин да ги обесштетиме (украинските) жртви“, рече во средата министерката за надворешни работи Мелани Џоли.

Премиерот Џастин Трудо им рече на новинарите дека Канада бара „начини за дополнително казнување“ со конфискација на имотот на оние кои беа санкционирани.

Од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, Канада воведе санкции за „повеќе од 1.100 лица и правни лица“ кои се соучесници во владата на претседателот Владимир Путин. Некои од овие санкции беа преземени во координација со сојузниците.

„Ние сме првата земја од Г7 што понуди нов механизам (продажба на санкционирани средства), бидејќи веруваме дека ќе профункционира“, рече министерката пред новинарите, додавајќи дека нема „јасни проценки“ за тоа колку може да се соберат преку новиот механизам.

Сепак, Мелани Џоли прецизираше дека „имотот на руските олигарси во Канада е значаен“.

Покрај новата одредба воведена во Парламентот во вторникот, Канада најави нови санкции, овојпат против „11 високи функционери и 192 членови на народните совети на таканаречените народни републики Луганск и Доњецк“.

„Канада нема да гледа со скрстени раце како претседателот Путин и неговите соучесници се обидуваат неказнето да ги прекројат границите на Украина“, додаде канадскиот министер за надворешни работи, посакувајќи „Украина да победи“.

Санкциите за тие 203 дополнителни лица се надополнуваат со неколку други ограничувања најавени во последните два месеци. Станува збор за замрзнување на средства, забрана за трансакции и неможност за влез во Канада.

Минатата недела Отава тргна по стапките на другите западни земји, санкционирајќи ги двете ќерки на претседателот Путин, како и сопругата и ќерката на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Канада сака повторно да ја отвори својата амбасада во Украина, која беше затворена на 12 февруари поради ескалација на тензиите пред Русија да ја нападне Украина. Канадските дипломати отпатуваа во Полска, каде што се оттогаш.

Слични содржини