Мило ми е што ви посакувам добредојде во Киев, изјавил претседателот на Украина Володимир Зеленски при средбата со бугарската делегација предводена од премиерот Кирил Петков.
-Веќе 64 дена ја гледаме вредноста на изјавите на руските владетели – 64 дена по ред Русија ги напаѓа нашите цивили, војската, уништува сè, убива секого, уништува згради и инфраструктура. Ние даваме отпор 64 дена по ред, а Русија не успеа да постигне ништо и сигурен сум дека нема да постигне ништо. Целиот свет е солидарен со Украина, вклучително и Бугарија, јас сум многу благодарен на вас и на вашата земја. Денеска разговаравме за сите клучни прашања. На Украина и е потребна поддршка од своите сигурни пријатели, додал Зеленски при средбата во четири очи со бугарскиот премиер, пренесуваат бугарските медиуми.
Петков му се заблагодарил на Зеленски за лидерството што го покажал.
-Сите демократии стојат зад вас, нема сомнеж дека тоа е единствениот излез што ќе се случи, рече премиерот Кирил Петков.
Тој информирал дека ќе го олеснат извозот на украинска струја.
-Ова ќе ни даде добра можност за дополнителна струја. Бугарија ќе биде повеќе од среќна што ќе ја има Варна како логистичка база и ќе го дистрибуира житото што не можете да го извезете преку вашите пристаништа. Бугарија може да биде инструмент за поддршка на Украина во енергетската безбедност со користење на Трансбалканскиот гасовод и може да обезбеди гас преку терминалите во Грција и Турција, а тоа ќе доведе до помали трошоци за двете земји. Вашата покана до Бугарија да учествува во обновата на Украина, ќе бидеме повеќе од среќни да го сториме тоа. Ви благодариме за вашиот предлог да му помогнете на нашиот брод да се врати дома. Разбирам дека имате организиран план нашите морнари да се вратат дома, додал Петков.
-Вашето барање за воено-техничка помош во врска со реконструкцијата и поправката на тешката механизација во бугарските фабрики ќе биде добра можност за Украина и добра можност за Бугарија да ја направи оваа поправка за Украина. Многу е важно за Бугарија, Украина да види јасен пат кон ЕУ, време е да кажеме ова е местото на кое му припаѓа Украина – европското семејство, рекол Петков.