Укинувањето на санкциите наметнати на Русија е дел од мировните преговори меѓу Москва и Украина, кои се тешки, но продолжуваат на дневна основа, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров во изјавата објавена утринава.
Киев во петокот предупреди дека преговорите за ставање крај на руската инвазија, која сега е во трет месец, се во опасност од колапс.
„Во моментов, руската и украинската делегација всушност секојдневно разговараат за нацрт можен договор преку видео-конференција“, рече Лавров во коментар за кинеската официјална новинска агенција „Ксинхуа“, објавен на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски од почетокот на инвазијата на 24 февруари инсистираше на тоа дека западните санкции кон Русија мора да бидат посилни и не можат да бидат дел од преговорите.
Украина и Русија не воделе мировни преговори лице в лице од 29 март, а атмосферата се влоши поради украинските обвинувања дека руските сили извршиле злосторства додека се повлекувале од областите во близина на Киев.
Москва ги отфрли обвинувањата.