Маричиќ: Трудот мора да се плати, а работникот да се цени

од Vladimir Zorba
303 прегледи

Први мај и оваа година традиционално ги слави добиените битки, но поставува и нови барања бидејќи борбата за подобар, поправеден свет продолжува. Тоа е борба за среќен и достоинствен живот, пишува во својата честитка вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.

„Денес, додека го славиме 1 мај, 136 години по работничките протести во Чикаго, ја продолжуваме нивната борба. И кога светот се соочува со нови предизвици и економска криза, Владата покажа дека е вистински партнер на граѓаните и во ваква тешка година, потврди дека може да биде година на социјална правда, рекордно покачувајќи ја минималната плата.

Знаеме дека за напредок потребен ни е добро платен, задоволен и заштитен на работа работник.

Затоа имаме волја за залагање во градење општество на еднакви можности за сите, за подобра позиција на работниците, економски силно и европско општество со работници кои можат достоинствено да живеат.

Изминатите години градевме општество на демократски вредности, слобода и граѓански права. Го вративме достоинството на работниците со покачување на платите во сите сектори, а социјалниот дијалог повторно го вративме на маса.

Приоритет на Владата останува да биде подобрување на животниот стандард.

Постигнувањето социјална правда, намалувањето на нивото на експлоатација на работниците, како и постигнувањето на највисоките меѓународни стандарди во областа на правата на вработените се и мора да бидат дел од нашите постојани аспирации.

Трудот мора да се плати, а работникот да се цени. Работници и работнички нека ви е честит и ценет трудот. Честит 1 Мај!“

Слични содржини