Русија продолжи со гранатирање врз фабрика во Украина по евакуација на цивилите

од Stefanija Kuzmanovska
230 прегледи

Русија го продолжи нападот врз фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол по успешната евакуација на украинските цивили од огромниот индустриски комплекс.

Еден од бранителите на фабриката, командантот на украинската национална гарда Денис Шлега, навел дека гранатирањето продолжило откако автобусите за евакуација ја напуштиле областа, пренесува Би-Би-Си.

„Во изминатите два дена беше прогласен прекин на огнот поради евакуација на цивили. Штом последниот цивил ја напушти фабриката, започна гранатирањето од секакви видови оружје“, изјави Шлега на националната телевизија.

Тој проценува дека неколку стотици цивили останале во фабриката за челик, заедно со околу 500 ранети војници.

Во украинскиот град Запорожје денеска се очекува да пристигнат десетици цивили откако успеале да побегнат од „Азовстал“.