Трауматизирани сирачиња од Украина пристигнаа во Словенија

од Stefanija Kuzmanovska
345 прегледи

Група сирачиња од Украина денеска пристигнаа во Словенија со конвој возила. Станува збор за трауматизирани деца од провинцијата Луганск кои од 2014 година се преместени во Лавов, град на крајниот запад на земјата кој повеќе не е безбеден од ракетни напади.

Тие и нивната придружба биле сместени во објекти во селото Славина кај Постојна. Покрај дваесетина деца на возраст од една до седум години, пристигнаа и тројца лекари, неколку медицински сестри и воспитувачи.

Децата од Лавов до Словенија патувале помалку од 24 часа

Првичниот план бил да се донесат четириесет деца од тој дом во Луганск, но добар дел од нив не можеле да патуваат, пишуваат словенечките медиуми. Патувањето на конвојот од Лавов до Словенија беше завршено за помалку од 24 часа, што е подобро од очекуваното.

Како што изјави за медиумите командантот на локалната организација за цивилна заштита Санди Чурк, по сите преживеани трауми, децата ги очекува темелен лекарски преглед од тим педијатри од Љубљана, по што ќе следи процедура за средување документација за добивање статус на бегалци.

Кога тоа ќе заврши, ќе работат согласно педагошките планови, со помош на локалната заедница, а се очекува да останат во Словенија се додека трае војната во Украина, соопштија локалните власти во Постојна.

Фото: Би- Би-Си