Курти: Руската агресија врз Украина ги зголеми несогласувањата меѓу Косово и Србија

од Vladimir Zorba
242 прегледи

Косовскиот премиер Албин Курти синоќа во Берлин изјави дека неодамнешната руска агресија врз Украина ги зголемила несогласувањата меѓу Србија и Косово, но дека Приштина останува посветена на дијалогот со Белград со цел да се постигне договор заснован на взаемно признавање.

„Неодамнешната руска агресија врз Украина ги зголеми нашите несогласувања. Но, ние остануваме посветени на принципиелен дијалог со Србија за да се постигне договор заснован на взаемно признавање. Вечерашната рунда (преговори) се одржа во палатата Борсиг во Берлин за време на работната вечера“, напиша Курти на Твитер.

Заедно со таа порака, Курти објави и фотографија на која се гледа како седи на маса со српскиот претседател Александар Вучиќ и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Белград-Приштина Мирослав Лајчак.

Претходно Лајчак најави дека тројцата разговарале за продолжување на бриселскиот дијалог за време на неформалната работна вечера, организирана од германскиот канцелар Олаф Шолц, а дека разговорите ќе продолжат на 13 мај на ниво на главните преговарачи Белград-Приштина, Петар Петковиќ и Бесник Бислими.

„Ја поздравувам можноста да разговарам за време на неформалната вечера за дијалог со премиерот Курти и претседателот Вучиќ во Берлин. Благодарен сум на германската влада. Ќе ја продолжиме дискусијата на ниво на главните преговарачи на 13 мај“, напиша Лајчак на Твитер.

Германскиот канцелар Шолц претходно одвоено се сретна со Курти, Вучиќ и Лајчак, во обид да го оживее дијалогот меѓу Белград и Приштина. Во пресрет на работната вечера, Вучиќ, Курти и Лајчак разговараа со специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин.

Слични содржини