Македонија се доведе во една сериозно подредена позиција кон Бугарија заради немањето на национална стратегија, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во македонското собрание Александар Николоски, во вчерашното гостување во емисијата „360 Степени“ на ТВ Алсат М.
Николоски потенцираше дека проблемот со Бугарија не може да се реши со два разговори на маса, посочувајќи дека се додека не го сфатат тоа сегашните политички чинители во владата Македонија континуирано ќе губи.
– Јас апелирам дека треба да се изгради национална стратегија за односите со Бугарија. Јасна е политиката на Бугарија кон Македонија. Тие гледаат кон нас на различен начин на кој што ние гледаме кон себе, и се додека тоа не го сфатат врвните политички чинители во Македонија, ние ќе имаме сериозен проблем. Не е проблемот со Бугарија од денес за утре и не може да се реши со два разговори на маса. И затоа континуирано Македонија губи. Доколку имаме јасна стратегија ќе можеме да ги поставиме и нашите јасни позиции од кои што мислам дека не смееме да се поместиме ни милиметар. Тие сега што прават? Одат чекор по чекор, велат да влезат Бугарите во Уставот, некој ќе рече па зошто да не. Но, јас ви гарантирам и да се случи тоа за шест месеци ќе има ново барање. Па да се реализира и тоа ново барање за шест месеци, за 12 месеци ќе има трето барање, зошто таму има јасен концепт и јасна стратегија која што гледате дека еве и во модерно време не се менува, влади се менуваат во Бугарија, стратегиите остануваат исти, дури се и толку цврсти околу тоа, ако некој малку избега го враќаат на колосекот, а дури и јавно на Петков му кажаа ако ја промениш политиката кон Македонија, нема да си премиер. Во такви услови ние треба да сме наивни да веруваме дека во Бугарија нешто ќе се смени или да мислиме дека ако направиме чекор, дека со тој чекор ќе се затвори проблемот, рече тој.
Според Николоски еден од начините за да се реши проблемот е да се добијат цврсти гаранции не само на писмено, туку и со одлука на Националното бугарско собрание дека нема веќе да има барања по однос на Македонија.
– Затоа еден од начините да се реши проблемот е да се добијат цврсти гаранции не само на писмено, туку и со одлука на Националното бугарско собрание дека нема веќе да има барања по однос на Македонија. Ние се додека не видиме гаранции од Бугарија, не смееме како држава да направиме ниту еден чекор. Обидот да се одоброволи некој само ќе носи кон национална катастрофа и само ќе оди парче по парче решавање на проблемот според нив, а според нас создавање на проблемот, објасни Николоски.