Зошто Путин не објави целосна мобилизација?

од Stefanija Kuzmanovska
302 прегледи

Дописничката на Sky News од Москва, Дијана Магнеј објави кратка анализа на говорот на Путин на парадата за Денот на победата.

Го пренесуваме во целост:

Без големи најави, без неочекувани изјави. Во отсуство на вистинска победа на бојното поле, ова беше навистина најдоброто што можеше да го направи Владимир Путин на овогодинешната парада на Денот на победата, засенета од ужасите во Украина.

Тој се повика на самоодбрана и го означи НАТО како агресор, како што тоа го направи многупати во изминатите неколку месеци.

Денот на победата пред се е комеморативен празник за народот на Русија. За врховниот командант, ова е моментот да го убеди дека војната во Украина е благородна, а не да влева страв дека може да бидат регрутирани многу Руси.

Ако се случи мобилизација, а има многу гласини дека ќе се случи, најдобро е да се заштеди за некој друг ден, кога руските семејства не го слават она што навистина се смета за „свет“ празник во рускиот календар.

Мобилизацијата нема да доведе до целта

Мобилизацијата, исто така, нема нужно да доведе до она што го сака Русија. Испраќањето на набрзина обучени луѓе со мало воено искуство може да биде проклетство, а не благослов.

Со дефинирањето на инвазијата како „специјална воена операција“, а не како вистински конфликт, рускиот народ има впечаток дека станува збор за кратка, остра и насочена акција. Не треба да се грижат за своите животи бидејќи сето ова ќе заврши наскоро, или така налага логиката.

Но, дали ќе биде така? Тоа е прашање кое како вечен пламен гори на бројните гробови на непознати војници во сите земји кои се бореа во страшните светски војни од минатиот век. Гробници кои секогаш стојат како потсетник за тоа колку висока може да биде цената на војната.

Слични содржини