Инфлацијата ја погодува и Кина

од Vladimir Zorba
211 прегледи

Потрошувачките и производствените цени во Кина се зголемија во април повеќе од очекуваното, покажуваат податоците на Националното биро за статистика објавени денеска.

Инфлацијата, мерена преку растот на потрошувачките цени, достигна 2,1 отсто минатиот месец во споредба со април 2021 година, поттикната од скокот на цените на енергијата и свеж зеленчук. Тоа е повеќе од прогнозата на економистите кои предвидуваа пораст од 1,8 отсто во анкетата на Ројтерс.

Априлската стапка на инфлација е, исто така, највисока од ноември минатата година, кога беше 2,3 отсто и значително над 18-месечниот просек од 0,9 отсто, пишува CNBC.

Официјалната цел на Кина за инфлација за 2022 година е „околу 3,0 проценти“.

Свежиот зеленчук во април поскапеле за 24 отсто на годишно ниво, а свежото овошје за 14,1 отсто. Моторните горива поскапеа за 28,4 отсто на годишно ниво, како одраз на неодамнешниот скок на цените на нафтата и суровините.

Базичната инфлација во Кина, која ги исклучува цените на храната и енергијата, се зголеми за благи 0,9 отсто во април во однос на претходната година.

Во исто време, кинескиот индекс на цените на производителите (PPI) го забави растот четврти месец по ред на 8,0 отсто на годишно ниво во април. Во рамките на PPI, откупните цени на суровините за производство пораснаа многу побрзо од т.н излезни цени на стоки од фабрики, односно цени на производи продадени од фабрики за понатамошно производство или продажба на дистрибутери.

Ова покажува дека притисокот на трошоците е нерамномерно распределен низ индустриите, вели Брус Панг, раководител на макро и стратешки истражувања во истражувачката компанија China Renaissance, додавајќи дека тоа значи дека компаниите ќе се соочат со различни видови на влијание врз нивните профитни маржи.

Слични содржини