Руски функционер: Херсон е Русија, ќе бараме од Путин да се приклучиме

од Nikola Popovski
358 прегледи

Официјален претставник назначен од Москва во Херсон, Украина, изјави дека администрацијата на тој регион ќе побара од рускиот претседател Владимир Путин да ја анектира областа.

Рускиот заменик-началник на Генералштабот во Херсон, Кирил Стремусов, изјави за новинарите дека нема планови за создавање самопрогласена „Херсонска народна република“, слична на проруските републики прогласени во украинските региони Доњецк и Луганск, но додаде дека има планови да се побара од Путин анексија, пренесува руската државна агенција РИА Новости.

„Градот Херсон е Русија. Нема да има Херсонска Народна Република на територијата на регионот Херсон, нема да има референдум. Тоа ќе биде указ врз основа на апелот на регионалното раководство на Херсон до рускиот претседател, а ќе биде и барање да се вклучиме во регионот на Русија“, рекол Стремусов.

Преземањето на контролата врз градот Херсон, на југот на Украина, и поголемиот дел од околната територија, беше веројатно најзначајната придобивка на Русија во војната во Украина досега.

Украинските власти шпекулираат дека Русија планира да одржи референдум за независноста на Херсон, сличен на оние што се одржаа во Доњецк и Луганск во 2014 година. Москва ги призна самопрогласените републики Доњецк и Луганск два дена пред почетокот на инвазијата на Украина.

Слични содржини