Столтенберг: Влезот на Финска и Шведска во НАТО би бил историски

од Берта Китинска
250 прегледи

По состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Берлин, генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг изјави дека доколку Финска и Шведска одлучат да влезат во воениот сојуз, тоа би било историско и ќе покаже дека вратата на НАТО е отворена, а агресијата не се исплати.

Столтенберг, кој се обрати на видео-конференција на заедничката прес-конференција со германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок бидејќи е заразен со коронавирус, рече дека рускиот претседател Владимир Путин сака да ја победи Украина и да ги подели Европа и Северна Америка, но тие се обединети и Украина може да победи во војната.

Баербок рече дека вратите на НАТО се ширум отворени за Финска и Шведска.

– Шведска, Финска, ако сте подготвени, подготвени сме и ние – рече Баербок, додавајќи дека нивниот влез ќе го зајакне НАТО и ќе ги обедини северноевропските земји.
Столтенберг додаде дека на претстојниот самит на НАТО во Мадрид ќе бидат донесени важни одлуки, како одговор на новонастанатата ситуација во Европа.

Сојузниците ветија дека ќе обезбедат милијарди долари помош за Украина, како и обука, рече Столтенберг.

Запрашан за противењето на Турција за влезот на Финска и Шведска во Алијансата, тој рече дека е важно да се истакне дека НАТО ќе ги почитува одлуките на Финска и Шведска, но и дека Турција е важен сојузник.

– Убеден сум дека ќе успееме да најдеме заеднички јазик – рече Столтенберг.

Тој додаде дека процесот на проширување на НАТО е многу успешен во текот на годините и дека Финска и Шведска се најблиските сојузници на НАТО кои се’ уште не се нејзини членки.

Слични содржини