Американскиот ланец за брза храна „Мекдоналдс“ денеска објави дека започнал процес на продажба на својот бизнис во Русија по 30 години бизнис во таа земја, поради нападот на Москва врз Украина, пренесува „Ројтерс“.
Компанијата во март ги затвори сите свои ресторани во Русија, вклучувајќи го и оној на култната локација на плоштадот Пушкин.
Како дел од целосното излегување од рускиот пазар, „Мекдоналдс“ предвидува отпис на непарични средства во износ од околу 1,2 милијарди до 1,4 милијарди долари.
„Хуманитарната криза предизвикана од војната во Украина и ненадејната промена на непредвидливоста на деловното опкружување го наведоа Мекдоналдс да заклучи дека понатамошната сопственост на компанијата во Русија повеќе не е одржлива“, се вели во соопштението на компанијата.