Како што буџетот за 2022 не беше развоен и не обезбедуваше подобар стандард на граѓаните, така и презентираниот ребаланс нема да ги промени економските состојби. Напротив ќе продолжи економскиот хаос и пропаѓање, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ за предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година.
Ребалансот на буџетот само ги покажува безидејните политики на власта на СДСМ и ДУИ, велат од опозициска партија.
Според нив, „кратењето на капиталните инвестиции докажува дека оваа власт нема ниту план ниту визија како Македонија да излезе од економската криза, за која самата е одговорна“.
-Македонија има најмал раст на БДП, Македонија е најсиромашна држава во Европа, Македонија има една од највисоките стапки на инфлација, Македонија има над 35% од населението во ризик од сиромаштија и редица други поразителни економски резултати, стои во соопштението од „Белата палата“.
Портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски денеска изјави дека очекува дека ќе надвладее и разумот и кај останатите пратеници којшто доаѓаат од опозицијата околу гласањето на предлог-ребалансот во Собрание.
-Како што и сами напоменавте ребалансот ќе се најде за многу скоро пред пратениците, јас не очекувам дека ќе биде блокиран напротив ние како владејачко мнозинство сме подготвени да ги искористиме сите алатки и сите можности којшто ги дава и деловникот се со цел да го донесеме и ребалансот и останатите закони затоа што е важно во вакви услови кога се соочуваме со енергетска и економска криза, важно е да се носат суштински реформски закони, да се донесе и ребалансот и сето она што е во насока да го подобри стандардот на граѓаните и секако да помогне полесно да се справат граѓаните со последиците од овие кризи, кажа Каевски на прес-конференција.