Бугарија: Кога „Газпром“ ќе почне да го почитува договорот, тогаш ќе имаме гас од Русија!

од Nikola Popovski
266 прегледи

Бугарскиот вицепремиер и министер за финансии Асен Василев изјави дека Софија нема да се врати на преговори со руската компанија „Газпром“ додека не ги почитува условите од постојниот договор.

Постојниот договор истекува на крајот на годината, но Бугарија во април објави дека „Газпром“ ја информирал дека испораката на гас е прекината затоа што Софија одбила да ја плати енергијата според новата шема, во рубљи.

Премиерот Кирил Петков тоа го окарактеризира како уцена, а земјата набрзо постигна договор за испорака на американски течен гас и азербејџански гас.

Вицепремиерката и министерка за економија Корнелија Нинова постојано предупредуваше за ризиците за индустријата и повика на продолжување на преговорите со руската компанија.

Во таа насока, претседателот на собраниската Комисија за енергетика, Радослав Рибарски, изјави дека Германија и Италија отвориле сметки во „Газпром банка“ и дека Бугарија може да се сврти кон преговори доколку тоа не е во спротивност со санкциите.

Сепак, Василев изјави дека Бугарија нема да се врати на преговори со „Газпром“, пренесува порталот Актуелано.

Тој на седницата на Комисијата за буџет и финансирање повтори дека договорот е еднострано прекршен од руската компанија.

„Кога Гаспром ќе одлучи да го исполни договорот со Бугарија, тогаш ќе имаме гас од Русија“, рече тој.

Слични содржини