Ѓукановиќ: „Отворен Балкан“ не се заснова на демократски вредности

од Nikola Popovski
283 прегледи

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ денеска изјави дека мислењата во Црна Гора се поделени околу регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, додавајќи дека е добро што нема разлика меѓу владата, претседателот и парламентот за стратешката цел.

„Сите ние сакаме Црна Гора да биде членка на Европската унија што е можно поскоро“, рекол тој на безбедносниот форум ГЛОБСЕК во Братислава.

Ѓукановиќ тврди дека „Отворен Балкан“ не се заснова на европски вредности, пренесува Танјуг повикувајќи се на црногорските медиуми.

„Го слушнав претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека имаат одлична соработка со Албанија и Северна Македонија, но дека има проблем кога станува збор за границата меѓу Хрватска или ЕУ. Тоа е проблемот, бидејќи „Отворен Балкан“ не се заснова на европски вредности, туку на регионална соработка“, рекол тој.

Според него, логично е наместо соработка заснована на која било друга основа, да го изберат Берлинскиот процес.

„Наместо да се трупаат иницијативи, зошто да не се искористи Берлинскиот процес. Мислам дека „Отворен Балкан“ дојде кога некои лидери, разочарани од ефективноста на процесот на проширување, создадоа паралелна иницијатива, која е резервна позиција за земјите од регионот кои, според нив, нема да имаат европска перспектива. Тоа е нашата разлика, мислиме дека ни е место во ЕУ“, појаснил Ѓукановиќ.

Абазовиќ го најави доаѓањето во Охрид

Ѓукановиќ од почетокот беше против оваа иницијатива и само еднаш присуствуваше на состанок на членовите на Отворен Балкан.

Присуството на претстојниот состанок на иницијативата во Охрид го најави црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, кој рече дека нема ништо против Црна Гора да биде членка на иницијативата доколку се покаже како добро за земјата.

Тој посочи дека верува оти Црна Гора во 2024 година ќе може да ѝ каже на Европската унија дека е подготвена.

Слични содржини