Украина му даде државјанство на познатиот руски новинар Александар Невзоров, кој побегна од Русија со сопругата откако ја осуди инвазијата на Украина, изјави во петокот висок украински функционер.
Русија бара апсење на Невзоров, обвинувајќи го за ширење лажни вести за она што Москва го нарекува „специјална воена операција“ во Украина. Тој избега од Русија во март.
Антон Герашенко, советник на украинскиот министер за внатрешни работи, изјави дека властите во Киев им дале државјанство на Невзоров и неговата сопруга Лидија.
Тоа го потврди Невзоров на Телеграм, додавајќи дека руската војна е злосторство, а Украина е жртва.
„Јас сум на страната на жртвата. И благодарен сум на настраданиот украински народ кој ми дозволи да бидам меѓу нив“, рече тој.
Русија отвори истрага против Невзоров, кој има повеќе од 1,8 милиони претплатници на неговиот канал на Јутјуб, откако објави дека руските сили намерно бомбардирале породилиште во Мариупол.