Градоначалниците ги споделија своите визии за развојот на државата во наредните 20 години

од Vladimir Zorba
293 прегледи

Повеќе од 50 градоначалници од целата држава учествува на денешната Визионерска работилница во Скопје, со што се вклучија во процесот на создавање на Националната развојна стратегија за наредните 20 години. Локален развој, образование, инфраструктура, пазар на труд и туризам беа дел од темите на кои дискутираа градоначалниците и ги претставија своите визии како овие области треба да се развиваат во претстојниот период.

Настанот се одржа како дел од широкиот инклузивен процес на креирање на Националната развојна стратегија, во кој ќе бидат консултирани сите засегнати страни во државата, со цел конечниот документ за визијата и иднината на Република Северна Македонија да биде консензуален и надпартиски, како и генерациски, меѓуетнички, родово и социјално сеопфатен.

„Локалниот развој е составен дел од визијата за иднината на државата. Токму затоа одлучивме да ја организираме оваа Визионерска работилница со вас градоначалниците, бидејќи вашите идеи и предлози ќе нѝ помогнат да додадеме уште едно делче во сложувалката наречена Национална развојна стратегија. Сите мора да бидеме свесни дека ќе успееме во нашите напори да изградиме поразвиени, поотпорни и подеднакви заедници само доколку се фокусираме на долгорочно планирање базирано на релевантен, сеопфатен и транспарентен пристап“, изјави Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.

Една од сесиите на работилница беше посветена на состојбите во образованието и очекувањата за реформите во овој сектор. Министерот за образование Јетон Шаќири истакна дека ваквиот инклузивен процес на креирање на идните политики е исклучително корисен, со оглед на тоа што основното и средното образование се во директна надлежност на локалните самоуправи.

„Она што нѝ претстои е зајакнување на ефективноста и ефикасноста на распределбата на постојните инфраструктурни, човечки и финансиски ресурси, посебно во делот на оптимизација на училишната мрежа и ревидирање на финансирањето, со цел секое дете да има пристап до образование со висок квалитет. Час поскоро треба да ја промениме состојбата нашите ученици да го имаат најлошиот резултат во Европа, и од 11 години поминати во училиште, едно дете во Северна Македонија во просек да има образовни резултати еднакви на 7,3 години учење“, рече Шаќири.

Денешната Визионерската работилница ја организираа УНДП и УНИЦЕФ во соработка со Постојаниот координатор на ОН. УНИЦЕФ го поддржува Министерството за образование и наука во организирање консултации со различни засегнати страни за подготовка на национална заложба која ќе се презентира на Самитот за трансформација на образованието, под покровителство на Генералниот секретар на ОН. Наодите што ќе произлезат од овие консултации, меѓу другото, ќе бидат употребени и за надградување на Националната стратегија за образование.

„И покрај малите подобрувања во образовните постигнувања на ПИСА, понатамошното подобрување во голема мера ќе зависи од степенот до кој училишната инфраструктура, човечките ресурси и финансии се ефективно и правично алоцирани и искористени за секое дете
во земјата да има пристап до квалитетно и инклузивно образование“, порача Артур Ајвазов, заменик претставник на УНИЦЕФ.

Националната развојна стратегија (НРС) ќе биде сеопфатен документ за економскиот, социјалниот, еколошкиот и културниот развој на нашата држава во наредните две декади. Идејата на НРС е да обезбеди позитивна средина за национален консензус во земјата, долгорочни развојни приоритети, како и олеснување на политичкиот дијалог за стратешките цели кои треба да ги решат клучните предизвици со кои се соочува Северна Македонија. Сите граѓани можат директно да се вклучат во создавањето на Националната развојна стратегија преку дигиталната платформа nrs.mk, која е специјализирано креирана за оваа намена.

Владата на Северна Македонија ги започна подготовките за развој на Националната развојна стратегија 2021-2041 на почетокот на 2021 година, преку проект поддржан од Фондот за добро владеење на Британската амбасада во Скопје и имплементиран од УНДП во координација со Канцеларијата на Постојаниот координатор на ОН во Северна Македонија.

Слични содржини