Извештај за влијанието на санкциите врз Русија открива дека последиците се огромни: „Најлошото допрва доаѓа“

од Stefanija Kuzmanovska
227 прегледи

Според извештајот на Институтот за меѓународни финансии (ИИФ), објавен во средата, санкциите наметнати на Москва поради инвазијата на Украина поништуваат 15-годишен економски напредок во Русија и 30 години интеграција со Западот.

Но, влијанието на овие мерки е тешко да се предвиди бидејќи тие зависат од можните нови санкции од една страна и од можниот одговор на Русија, особено во енергетскиот сектор, од друга страна. Војната може да биде скапа за рускиот претседател Владимир Путин, но санкциите не функционираат „како притискање на прекинувачот“, рече на прес-конференција економистот на ИИФ, Елина Рибакова.

Во својот последен извештај, ИИФ предвидува дека руската економија ќе падне за 15 проценти оваа година и уште 3 проценти во 2023 година.

„Тешките последици допрва ќе се почувствуваат“

Финансиските санкции – особено намалената способност на Москва за отплата на надворешниот долг – зголемувањето на цените и заминувањето на странските компании од земјата ја забавуваат странската побарувачка и на тој начин ги „влошуваат краткорочните, среднорочните и долгорочните економски изгледи“. Авторите на извештајот посочуваат дека „допрва ќе се чувствуваат потешки последици“.

Елина Рибакова рече дека санкциите ги разнишале глобалните синџири на вредности. Во тоа гледа „распад на 30 години инвестиции и поврзување со Европа“.

Извршниот потпретседател на ИИФ, Клеј Ловери, смета дека оценката за успехот на санкциите наметнати на Русија зависи од тоа што сакаат да постигнат владите. „Ако треба да ѝ се наштети на економијата (…), санкциите секако ќе имаат ефект“ и ќе се зголемат, им објасни тој на новинарите.

„Но, досега, санкциите се покажаа како неефикасни кога станува збор за промена на политиката“, додаде тој.