Украинска полиција: Седум тела пронајдени во нова гробница кај Буча

од Nikola Popovski
324 прегледи

Седум тела се пронајдени денеска во нова гробница во близина на Буча, каде што беа откриени тела на бројни цивили по повлекувањето на руската армија од Киев на крајот на март, соопшти киевската полиција.

„Русите овде мачеа седум цивили, а потоа кукавички ги застрелаа во глава“, напиша на Фејсбук началникот на киевската полиција Андриј Небитов, додавајќи дека „на неколку жртви им биле врзани рацете и колената“.

„Оваа гробница е откриена денеска на местото каде што биле стационирани руски војници, во близина на селото Миротска“, тврди Небитов, додавајќи дека „сега се работи на идентификација на жртвите“.

Тоа е село 10 километри северозападно од Буча и 35 километри од Киев.

По заминувањето на руските војници од регионот на Киев, каде што беа откриени телата на стотици украински цивили, Буча стана симбол на руските воени злосторства. Москва постојано ги отфрли обвинувањата, велејќи дека „фалсификува“ информации и тврди дека злосторствата биле организирани од Украинци со поддршка од Западот.

Киевската полиција потсети дека на крајот на април во јама во селото Миротска биле откриени осакатените тела на тројца застрелани мажи со врзани очи.

Слични содржини