Минатата година Dacia го откри својот нов визуелен идентитет, кој прво почна да се појавува на нивните печатени материјали, потоа пристигна во салоните, а сега ќе пристигне на најважното место – сите автомобили на Dacia. Главната карактеристика на новиот идентитет на брендот, амблемот наречен Dacia Link, ќе го краси централниот дел на предната маска во освежено бело издание, на сите модели што ќе се продаваат во иднина.
Амблемот, кој носи стилизирани минималистички букви D и C, е претставен и на централниот дел од капакот на сите тркала.
Друга видлива промена се однесува на изгледот на логото на задниот дел и на воланот. Намерно поедноставен, минималистички изглед на буквите беше искористен за полесно да се препознаат – блиску или далеку, Dacia Link е веќе препознатлива визуелна карактеристика на брендот, според нивните дизајнери.
Откривањето на целата палета на брендот Dacia со карактеристики на нов визуелен идентитет е третото и последно поглавје во редизајнот. Почетокот на нарачките е најавен за 16 јуни, а првите испораки се очекуваат во последниот квартал од годинава.
Обновена гама
За само неколку месеци, Dacia ја обнови својата понуда и претстави две нови засилувања: електричниот Spring и Jogger.
Имплементацијата на новите визуелни карактеристики ја означува кулминацијата на обновувањето на брендот. И покрај обемната трансформација, Dacia остана доследна на своите основни вредности, што значи дека ќе продолжи да произведува возила без вишок додатоци, приспособени на најосновните потреби и очекувања на клиентите.
Возилата на Dacia се пред сè робусни и доверливи, тие се разновидни во целосна смисла на зборот, така што можат да се користат за различни намени, без разлика дали за одење во град или за викенд патување во дивината. Новата сиво-зелена боја на „Lichen Khaki“, слична на бојата на природниот мов, ќе блесне на новите модели и ќе ја нагласи блиската поврзаност на Dacia со природата.
Максимум 180 km/h
Dacia, исто така, постепено ќе ги спроведува обврските преземени од Renault Group на годишното генерално собрание. Така, од 2023 година ќе стане првиот бренд на Групацијата што ќе ја ограничи брзината на сите нејзини возила на максимални 180 km/h.