Од Демократскиот сојуз изразуваат сериозни резерви за францускиот предлог за деблокада на почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, бидејќи како што велат тој во суштина ги „апсорбира националистичките и негаторските барања на Бугарија и билатералниот спор, преку преговарачката рамка, го претвора во спор помеѓу Македонија и Европската Унија“.

Според документите како што велат од партијата на Павле Трајанов јасно е дека барањата на Бугарија стануваат дел од преговарачката рамка на ЕУ и од нивното исполнување ќе зависи нашиот напредок кон Европа.

-Тоа значи дека нашите евро-интеграции стануваат заложник на антимакедонските интереси во Софија, овојпат со европски печат.Очигледно е дека предлогот е резултат на претходно усогласување на претставници на владите на Македонија и Бугарија, но фактот што постојат или се најавени повеќе документи кои се однесуваат на спорот, протоколи што треба да ги потпишат двете земји, како и Акциски план, кои треба во детали да опишат што се треба да направи Македонија, во суштина значи прифаќање нов договор, покрај постоечкиот Договор за добрососедство и пријателство, чие исполнување сега ќе го мониторира Европската Унија.Со новиот договор на перфиден начин се оспорува македонскиот идентитет, историјата и јазикот и истовремено не се нудат гаранции дека Бугарија ќе престане да излегува со нови барања, уцени и блокади. Конечниот став ДС ќе го изгради по добивањето на интегралниот текст на предлогот и негова подлабинска анализа, велат од ДС.

Слични содржини