Од советникот за култура во француската амбасада во Русија било побарано да ја напушти земјата, објави француското радио Франс инфо, повикувајќи се на дипломатски извори кои наведуваат дека одлуката значи дека Франција сега е во „таборот на непријателски земји“ за Русија. Медиумите потсетуваат дека на крајот на мај Москва најави протерување на 34 француски дипломати како одговор на француското протерување на 41 Русин во април поради руската инвазија на Украина.
Францускиот амбасадор во Русија, Пјер Леви, бил повикан во Министерството за надворешни работи на Русија, каде што бил информиран дека на неговиот советник за култура нема да му биде обновена акредитацијата и дека дипломатот мора да ја напушти руската територија пред 17 јули.
Руските власти го обвинуваат францускиот дипломат Фабрис Русо за поставување скриени шеми за финансирање на независна информативна страница која сега е забранета во земјата, како и на здружението Меморијал, која била распуштена од руското правосудство.
Меморијал, кој долго време ги документирал сталинистичките злосторства и ги бранел човековите права во Русија, сега е забранет во земјата.
Повикувајќи се на добро информирани извори, радиото Франс Инфо објави дека Франција навистина учествувала во финансирањето на Меморијал, но на целосно легален и транспарентен начин.
Случајот со дипломатот доаѓа неколку дена по посетата на францускиот претседател Емануел Макрон на Киев, додаде француското радио.