Руските власти денеска ги обвинија украинските сили дека пукале на морските платформи за дупчење во морето кај Крим, наведувајќи дека тројца се ранети и дека спасувачките операции се во тек.
„Утринава непријателот ги нападна платформите за дупчење на Черноморнефтегас. Јас сум во контакт со нашите колеги во Министерството за одбрана и (специјалната служба) ФСБ, се обидуваме да спасиме луѓе“, рече гувернерот кој Москва го назначи по анексијата на Крим во 2014 година, Сергеј Аксинов.
Тој рече дека петмина од 12-те лица се спасени, а тројца од нив се ранети, а потрагата по останатите продолжува со учество на патролни чамци и воздушни средства.
Тој не прецизираше кои инсталации се погодени, но компанијата Черноморнефтегас експлоатира неколку наоѓалишта со гас и нафта во Црното и Азовското Море во близина на Крим, наведе агенцијата „Франс прес“.
Ова е прв пријавен напад на офшор енергетската инфраструктура на Крим од почетокот на руската офанзива врз Украина на крајот на февруари.