Украина уапси двајца функционери, наводно шпионирале за Русите

од Stefanija Kuzmanovska
315 прегледи

Украина уапси висок владин функционер и еден, како што беше кажано, „бизнис лидер“ за кои постои сомнение дека се дел од наводната руска шпионска мрежа, соопшти денеска Украинската служба за безбедност (СБУ).

Безбедносната служба не ги именуваше двајцата осомничени, но ги идентификуваше како висок функционер во Секретаријатот на Кабинетот на министри и шеф на одделот во Стопанската комора, пренесува „Ројтерс“.

Според соопштението објавено на апликацијата Телеграм, СБУ извршила „специјална операција во неколку фази“ со цел да го неутрализира наводниот шпионски синџир.

– Како резултат на тоа, во Киев се приведени шефот на одделот на Секретаријатот на Кабинетот на министри и шефот на една од дирекциите на Трговско-индустриската комора – се наведува во соопштението на СБУ.

Исто така, како што се додава, тие службеници „пренеле различни разузнавачки информации на непријателот, од состојбата на одбранбената способност на Украина до уредувањето на државната граница и лични податоци на украинските полицајци“.

Русија сè уште не ја коментираше изјавата на СБУ

На видеото се прикажани двајцата главни осомничени како седат пред украинското знаме и велат дека соработувале со Москва.

Британската агенција наведува дека од снимката не може да се заклучи дали осомничените зборувале под принуда.

СБУ тврди дека Русија на осомничените им плаќала од 2.000 до 15.000 долари по задача, во зависност од степенот на тајност и важноста на информацијата.

Еден од мажите на видеото рекол дека за своите активности добил вкупно 33.000 долари, а другиот дека добил 27.000 долари.