Германија ја активираше втората фаза од планот за вонредно снабдување со природен гас

од Vladimir Zorba
124 прегледи

Германија денеска ја активираше втората фаза од вкупно три колку што има планот за вонредно снабдување со природен гас.

Германската влада објави дека ја активирала фазата „аларм“, поради намалувањето на испораката на рускиот гас и високите цени на тој енергенс на пазарот.

Третата фаза од планот означува „вонредна ситуација“, а германската влада изјави дека претходно ги известила европските партнери за одлуката.

Од Владата додаваат дека складиштата за гас во моментов се исполнети до 58 отсто од капацитетот, што е повеќе од лани, а до декември не може да се пополнат 90 отсто од капацитетите без дополнителни мерки.

Министерот за економија Роберт Хабек рече дека „ситуацијата е сериозна“.

„Намалувањето на снабдувањето со гас што го воведе (рускиот претседател Владимир) Путин е економски напад врз нас. Ќе се браниме. Но, нашата земја ќе мора да тргне по трнлив пат. Дури и да не го чувствуваме тоа во моментов, нашата земја веќе е во гасна криза“, рече Хабек.