Украинците заробија пилот на „Вагнер“, соопштија разузнавачите

од Stefanija Kuzmanovska
190 прегледи

Украинските сили објавија дека го заробиле пилотот на рускиот воен авион кој беше соборен овој месец, објави утринава британското Министерство за одбрана во дневниот извештај на своето разузнавање.

Според разузнавачките податоци, пилотот признал дека бил поранешен мајор на руските воздухопловни сили, кој по напуштањето на војската се вработил во приватната воена компанија „Вагнер“ и летал во неколку мисии над Украина.

Британското разузнавање во својот извештај наведува дека употребата на пензиониран припадник на војската, кој сега работи за „Вагнер“, „сугерира дека руските воздухопловни сили се борат да најдат доволно воздушни екипажи за да обезбедат воздушна поддршка“.

Министерството за одбрана на Велика Британија, исто така, тврди дека пилотот користел комерцијален ГПС уред наместо стандардна руска навигациска опрема.

„Ова веројатно значи дека авионите на Вагнер се постари модели на авиони Су-25, односно дека руските воздухопловни сили не дозволуваат Вагнер да лета со нова опрема“, се вели во извештајот.

Слични содржини