Само два месеци по лансирањето, Toyota објави дека повлекува 2.700 електрични автомобили bZ4X од прилично бизарна причина – тркалата може да им испаднат додека возат. Имено, се покажа дека и по мал број километри, завртките на тркалата може да се олабават до точка каде што тркалата би можеле да се откачат при возење.
Секако, нема потреба да се нагласува опасноста од ваков проблем, а по повлекувањето на речиси сите досега произведени модели, Toyota покрена истрага. Покрај Toyota, која е најголемиот светски производител на автомобили, повлекување најави и Subaru, компанија во која Toyota има 20 отсто удел.
Беа повлечени околу 2.600 единици од моделот Subaru Solterra, нивниот прв електричен автомобил развиен во соработка со Toyota и со чиј модел bZ4X ги дели повеќето компоненти.
Кристофер Рихтер, аналитичар во CLSA, ја нарече ситуацијата срамна. Тој потсети дека сите долго време чекале Тоyota да претстави електричен автомобил за светскиот пазар, а кога конечно го претставиле, веднаш морале да го повлечат.
Ова е само уште еден во низата проблеми со кои се соочува Toyota неодамна, а кои вклучуваат намалување на производството поради недостиг на чипови и доцнење во глобалните синџири на снабдување, како и притисок на инвеститорите поради доцнење на планот за електрификација, кој заостанува зад компанијата.
Она што е сепак позитивно во целата приказна со повлекувањето на возилото е тоа што не станува збор за проблем со системот за електрични возила, туку за механички дефект чија поправка веројатно нема да биде скапа, изјави Рихтер, цитиран од Ројтерс.
Исто така, добрата вест е што досега не се евидентирани случаи на сообраќајни незгоди поради проблеми со тркалата.