Норвешката полиција денеска објави дека настаните на Парадата на городста треба да се одложат, повикувајќи се на безбедносни причини по смртоносното дивеење на вооружен напаѓач во геј бар за време на викендот во Осло.
Иако полицијата првично го одобри планираниот собир на градската ЛГБТКИ заедница пред градското собрание во Осло за да им оддаде почит на жртвите од нападот, тие подоцна ги советуваа организаторите да го откажат настанот, бидејќи се очекуваше да привлече многу луѓе, пренесува Ројтерс.
Се вели дека Норвешка ја подигнала својата проценка за заканата од тероризам на највисоко ниво по нападот во саботата, во кој загинаа две лица, а 21 беше ранет.
Полицијата, исто така, повика на откажување на настаните поврзани со Парадата низ целата земја.
„Настаните поврзани со Парадата на гордоста треба да се одложат до понатамошно известување, имајќи предвид дека екстремистичките исламисти ја сметаат квир заедницата за непријател“, изјави началникот на националната полиција Бенедикт Бјорнланд.
Осло Прајд, еден од поддржувачите на денешните демонстрации и организатор на настанот што требаше да се одржи во сабота, потврди дека ќе го откаже собирот.
„Жал ни е што мораме да го откажеме собирот, но погрешно е да се мисли дека, како што тврди полицијата, ова требало да биде мал настан“, се вели во соопштението.
Ројтерс наведува дека Окружниот суд во Осло денеска го означил Заниар Матапура, 43-годишен норвешки државјанин со иранско потекло, како осомничен за нападот.