Судот во Египет осуди 10 лица на смрт, а повеќе од 50 на доживотен затвор, под обвинение за поддршка или извршување напади врз безбедносните сили и за саботажа на државната инфраструктура.
Обвинителството ги поврза нападите што се случија во Каиро меѓу 2013 и 2015 година со групата Муслиманско братство, која сега е забранета, пренесува „Ројтерс“.
Судот испрати барање до египетската врховна власт, Големиот муфтија, да ја одобри егзекуцијата во јануари.
Групата за човекови права на Амнести интернешенел рече дека масовното судење, во кое учествуваа повеќе од 200 обвинети, е крајно нефер и повика на поништување на казните.
Муслиманското братство неколку пати победи на изборите во Египет, вклучително и на оние кога нивниот кандидат Мохамед Морси победи на претседателските избори.
Една година подоцна, по масовните демонстрации, тој беше соборен со воен удар и ставен во домашен притвор.
После тоа, групата беше забранета во Египет и прогласена за терористичка организација.