Шефот на украинската дипломатија, Дмитриј Кулеба рече дека Украина, соочена со „бруталната руска агресија“, не се бори само за себе, туку и за цела Европа и ги повика партнерите да ја засилат и забрзаат испораката на оружје.
Кулеба рече дека Украинците ги ризикуваат своите животи за да останат суверена земја, заснована на европските вредности, демократијата, слободата, почитувањето на човековите права, еднаквоста и владеењето на правото.
„Но, ние не се бориме само за слободна, демократска и мирна Украина, ние се бориме и за Европа“, рече Кулеба.
Тој додаде дека многу од предизвиците со кои моментално се соочува Украина се познати на земјите од Централна и Јужна Европа.
„Руската инвазија на Украина ја вовлече Европа во најтешката безбедносна криза во последните децении. Украина е под директен воен напад од Русија, додека остатокот од Европа е под индиректен притисок. Целта на Русија е да создаде што е можно поголем хаос во Европа“, рече Кулеба.
Како што наведе, Украинците се способни да ја добијат војната против Русија, но за тоа им е потребна воена поддршка од Западот.
„Ние сме им благодарни на сите што дојдоа да помогнат во најтемниот момент, но најважна е воената помош. За да се забрза победата, неопходно е да се зголеми и забрза испораката на високопрецизно тешко оружје, особено ракетни системи, хаубици од 155 милиметри, тенкови, оклопни возила“, рече Кулеба.
На крајот тој ги повика сите земји кои и помагаат на Украина да ја испратат споменатата воена помош во Киев што е можно поскоро.
„Сета друга помош е релевантна само ако успееме да ја одбраниме земјата и да го победиме непријателот“, заклучи Кулеба.