Франција: Треба да се подготвиме за целосно прекинување на испораките на гас од Русија

од Vladimir Zorba
178 прегледи

Францускиот министер за економија, Бруно Ле Мер изјави дека е неопходно да се подготви „целосен прекин“ на испораките на гас од Русија, што, според него, е „најверојатната опција“.

„Да се ​​подготвиме за целосно прекинување на рускиот гас, тоа е најверојатната опција денес. Тоа претпоставува дека ќе го забрзаме стекнувањето на нашата енергетска независност“, рече Ле Мер на економскиот состанок во Екс-ан-Прованс на југот на Франција.

Тој рече дека Французите не сакаат да зависат од другите и дека прво нешто во кое ќе бидат независни треба да биде енергијата.

„Треба да почнеме да се бориме за организација, олеснувања, намалени трошења… треба сега да носиме одлуки“, рече министерот за економија.

Посочи дека државата сака да ренационализира 100 отсто од најголемата енергетска компанија во земјата, EDF, што премиерот Елизабет Борн го објави оваа недела.

Ле Мер рече дека кога земјата целосно управува со електричната компанија, може да донесе побрзи одлуки во однос на стратешкото прашање за производство на електрична енергија без да испушта јаглерод диоксид.

Енергетската криза, рече министерот, е најважната тема во наредните месеци.

„Се соочуваме со енергетска криза која може да има големо влијание врз нашиот секојдневен живот, врз вработувањето, врз функционирањето на нашите компании, врз француската индустрија“, рече Бруно Ле Мер.

Истакна дека се уште не е добиено одобрение од Европската комисија за национализација на EDF. Како што нагласи, за ова прашање имал долги разговори со еврокомесарката за конкуренција Маргерет Вестагер и најави дека разговорите ќе продолжат.

Слични содржини