Данскиот бренд за детски играчки „Lego“ соопшти дека го затвора својот бизнис во Русија на неодредено време и отпушта 90 вработени во Москва поради „големи нарушувања“ во земјата, пренесува Ројтерс.
„Lego“ го раскина договорот со франшизата „Inventive Retail Group“ (ИРГ), која поседуваше и управуваше со 81 продавница во име на данската компанија.
„IRG“, која исто така водеше продавници во Русија за западните брендови како Најк и Самсунг, претходно денеска објави дека договорот со „Lego“ е раскинат.
„Lego Group одлучи да ги прекине комерцијалните операции во Русија на неодреден период, со оглед на континуираното големо нарушување во оперативното опкружување“, соопштуваат од компанијата.
„Lego“ ги паузираше испораките во Русија во март и објави во јуни дека привремено замрзнува некои продавници поради проблеми со снабдувањето.