Руската фабрика „Автоваз“ планира да произведе нови, поголеми и попрестижни автомобили „Lada“ C класа, кои, како што тврдат руски експерти за „Спутник“, ќе ги исполнуваат сите стандарди: од удобност, звучна изолација, лесно ракување до безбедност. Според експертите, потенцијалните купувачи ќе бидат од високата средна класа од Русија, но и од други земји.
Претседателот на компанијата Максим Соколов изјави дека „Автоваз“ планира долгорочно да создаде апсолутно ново семејство автомобили „Lada“ од C класа.
„Планираме да користиме целосно нова руска платформа. За тоа ќе бидат потребни големи инвестиции, но нашите клиенти сосема со право сакаат да возат модерни автомобили“, тврди Соколов.
Ќе ги исполнува меѓународните стандарди
Михаил Бељаев, експерт од рускиот институт за стратешки истражувања, вели дека „Автоваз“ претходно немал многу стимулации за развој на пазарот. „Увозот на странски автомобили, вклучително и секундарни, беше многу поевтин. Ситуацијата е сосема поинаква во моментов. Пред се, увозот е екстремно намален, а погоните што останаа на нашата територија се уште во голема мера се потпираат на странски испораки на делови и компоненти“, вели Бељајев.
Дополнително, според соговорникот, дошле времиња кога е потребно да се произведуваат автомобили од чисто домашно производство, кои помалку ќе зависат од увезените компоненти: делови и технологија. Значи, сето тоа го поттикнува „Автоваз“ да започне со производство на нашиот пазар“, објаснува експертот, нагласувајќи дека моделот ќе ги задоволува меѓународните стандарди.
За новата „Lada“ не треба да „фрлате“ пари
Независниот автомобилски експерт Дмитриј Попов вели дека за овој модел на автомобил не треба да се трошат многу пари. Класата „C“ се однесува на поголем патнички автомобил. Тој ќе има прилично високо ниво на удобност. Ќе биде наменет за купувачите кои припаѓаат на средната класа и нема да чини цело богатство“, објаснува соговорникот на Спутник.
На прашањето кои земји ќе бидат потенцијални купувачи на „Lada“ C класа, експертот тврди дека се ќе зависи од цената.
„Испораките секако ќе се вршат во Белорусија, како и во Казахстан. Ако европските земји не купуваат возила од нас, тоа е само поради политичка пристрасност. Треба да се напомене дека до неодамна во некои европски земји „Niva“ се користеше како амбулантно и полициско возило, во верзијата што постоеше во советските години, а која денес се нарекува „Niva Legend“, вели експертот. .
Соколов нагласи дека „Автоваз“ е пред задача на длабока локализација за да постигне технолошки суверенитет во автомобилската индустрија. Според него, овој процес ќе бара инвестиции не само од самата компанија, туку и од добавувачите, партнерите и производителите на автокомпоненти. Компанијата сега активно соработува со акционерот – ФСУЕ „НАМИ“, кој веќе има такво искуство.
„Автоваз“ поседува производствени локации во Толјати и Ижевск. И покрај префрлањето на имотот на Renault во државна сопственост, Министерството за индустрија и трговија прецизира дека „Lada“ ќе остане. Во моментов, брендот се состои од пет модели на семејства: „vesta“, „xray“, „largus“, „granta“ и „niva“.