Германската компанија „Сименс енерџи“ денеска соопшти дека турбината за која Москва тврди дека го ограничува проточниот капацитет на гасоводот Северен тек 1 е подготвена за испорака, но чека руски „Газпром“ да достави царинска документација за да продолжи трансферот.
„Транспортот на турбината би можел веднаш да започне. Германските власти веќе на почетокот на минатата недела до компанијата Сименс енерџи ја доставија целата потребна документација за извоз на турбината во Русија“, се наведува во соопштението на „Сименс“ и се посочува дека „Газпром“ е свесен за недостатокот на царинска документација за увоз во Русија која „Газпром“ како клиент е должен да ја обезбеди, пренесува „Ројтерс“.
„Газпром“ не го коментираше соопштението на германската компанија, но претходно денеска објави дека мора да ја прекине работата на друг мотор со гасна турбина на компресорската станица Портоваја на гасоводот „Северен тек“ поради редовен ремонт, јави претходно ТАСС.